Невидената навалица пред Агенцијата за вработување на Република Македонија во Скопје, во чии простории стотици граѓани се туркаат веќе неколку дена за скапоценото парче хартија што го потврдува статусот на невработен и без примања по таа основа, е слика и прилика за актуелниот миг во членката на НАТО и кандидатка за Европската унија. Стутканите родители во грчевита борба за воздух пред шалтерите за документот што ќе им донесе дел од финансиската поддршка за семејствата со ученици, а со вкупни примања до 50 илјади денари, се досега највпечатливиот показ до каде дотурка жална Македонија над три децении по осамостојувањето.
Недалеку од АВРМ некои други несреќници пред ќумезот од полициската станица „Пролет“ во долга опашка чекаат за пасоши и лични карти без закажување. И да врне, и да вее, и бура да коси, тие се непоколебливи во решеноста да се доберат до документи со „Северна“, иако на повеќето од нив тие им се со валиден рок на траење, за да можат да здувнат без да се завртат од оваа волкоеб.на.
На првите им бараат планина од изјави, потврди и фотокопии за „дури“ 1.200 денари ако имаат дете во основно образование, а со брачниот партнер имаат месечни примања нешто повисоки од две минимални плати. На вторите, пак, и покрај пропаднатиот референдум за името и практично непочнатите преговори за ЕУ, запнале да им ги заменат исправните лични исправи на нивен трошок, иако многумина од нив го бојкотираа изјаснувањето за географската одредница.
Каков автогол на узурпаторите на власт во тоа што остана од РМ! Каква само услуга ѝ прават на опозицијата со навлечениот гнев на кутрите жители на ова несреќно парче земја. Дефинитивно, „нож е дошја до коску“, што би рекле кумановци, а што се гледа од лицата на тие што „не се снашле“, а се нашле во недогледните редици. Глупантропите што ги одбројуваат последните денови во удобните фотелји не се ни свесни какво цунами ги очекува на 8 мај.
Македонците и нивните сожители од друга националност сигурно не мечтаеја за вакви сцени кога на 8 септември 1991 година (из)гласаа независност од тогашна Југославија. Сигурно не посакуваа во 21. век повторно да чмаат со часови во редици како во некогашната федерација, кога си вадеа очи пред „Центро“, „Славија“ или „Зем промет“ за шеќер, кафе, прашак за перење, пред билетарниците на ЈСП за месечен автобуски билет или пред синдикатот за свински полутки и канта сирење.
Партијата што го наследи некогашниот Сојуз на комунистите, заедно со политичкото крило на терористите од 2001 година, топтан сосе нивните сателити, само за шест години ортачко практикување власт успеаја да ја вратат Македонија во времето на едноумието, кога се чекаше во редици за сè и сешто. Наспроти шарените лаги за светла иднина кога ги запоседнуваа владините одаи, донесоа таков мрак од кој прст пред око не се гледа. Со неподнослива леснотија си ги зголемија платите за 78 проценти, а на најранливите категории им фрлаат трошки од својата богата трпеза. И тоа со стотици милиони евра заеми што ќе ги враќаат следните поколенија со таа (не)среќа да се родат, живеат и работат тука.
Хаосот пред АВРМ и ПС „Пролет“ не само што потсетува на едни (не)славни времиња, за кои се мислеше дека неповратно останале зад нас, туку и најпластично ја објаснува една од причините зошто сè повеќе жители на Македонија секојдневно ја напуштаат „трбухом за крухом“. Колку побрзо се свестат сите што ја споделуваат оваа мачнина од живуркање во земјичкава урнисана од штетниците што најавуваа мед и млеко, а сервираа пелин, толку поголеми ќе бидат и шансите еден ден и неа да ја огрее сонце, колку и да не изгледаат остварливи во моментов. Мај ене го каде е.






