Безмалку секој втор македонски граѓанин, поточно 47,1 отсто, се противи на каква и да е промена на името на Република Македонија, покажува анкетата на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) и на Институт за демократија.
Од преостанатите анкетирани меѓу 5 и 20 април во испитувањето на јавното мислење што опфати 1.004 лица само 14,4 проценти би прифатиле двојна формула, 14,1 отсто име за севкупна употреба (ерга омнес), 13,6 отсто би се согласиле за име само за во меѓународните организации, а 10,1 отсто би поддржале договорено име за севкупна меѓународна употреба.
Уште повеќе или 48,3 проценти се противат на промена на Уставот, за што инсистира Грција, а за 16,4 отсто е прифатлива промена на уставното име. Без промена на уставното име, а за утврдување меѓународно име се 18,3 отсто.
Во однос на етничката припадност, 60,7 проценти од Македонците одбиваат каква и да е промена на Уставот заради запишување во него ново уставно име на државата. Тоа, пак, за 41,8 отсто Албанци е прифатливо.
Речиси секој втор граѓанин или 44 проценти не се за ниту една од додавките за името што се во оптек. За „Горна“ се изјасниле 17,1 отсто, за „Скопје“ 11,9 отсто, за „Нова“ 9,5 отсто, за „Северна“ 8,1 отсто и за „Вардарска“ 5,9 отсто.
Огромно мнозинство од анкетираните, поточно 42,9 проценти, во однос на тоа каде да стои евентуално договорената придавка на името одговориле „никаде“. За додавка по името Република Македонија се изјасниле 24,4 отсто, за придавка меѓу зборовите „Република“ и „Македонија“ се определиле 17,2 отсто, а за таа да стои пред уставното име биле 13 отсто анкетирани.
Слично мнозинство провејува и во поглед на прашањето како да биде запишано државјанството, односно 47,9 проценти се за „македонско/Macedonian“, а за формулацијата „Граѓанин на Република Горна Македонија“ преведена и на англиски се 14,4 отсто анкетирани.
За 45,7 проценти граѓани најприфатливо е во Обединети нации во графата за јазикот да пишува „македонски“ со превод на англиски, а 16,5 отсто би се согласиле и за „македонски“ напишано на латиница.





