Реакција од Министерството за одбрана

Министерството за одбрана раководено од Радмила Шеќеринска испраќа барање за демант и барање за извинување за текст објавен на порталот еxpres.mk под наслов „Радмила и Стево, НАТО и ЕУ кај ви се? (ФОТО)“



“Членството на Македонија во НАТО е стратешко достигнување за нашата земја и причина за национална гордост и затоа во ниту еден случај, ниту една активност ниту министерката за одбрана, ниту кој било претставник на Министерството не го затскривал знамето на Алијансата, туку напротив тоа е постојано поставено на своето место во Министерството.
Знамето на НАТО стои до македонското знаме и при посетата на министерот за одбрана на НР Кина, и тоа може да се види на веста на официјалната страница на Министерството, на официјалниот Facebook профил на министерката, на профилот на Министерството, на официјалните Twitter профили на министерката Шекеринска и Министерството за одбрана, како и на официјалните инсерти од посетата поставени на каналот на Министерството на YouTube.

Да немавте намера единствено да се обидете да го извалкате името на министерката и да ја поткопате довербата во Министерството и безбедносниот сектор, едноставно ќе ја отворевте веб – страницата на МО и официјалните профили, ќе увидевте дека вашата „вест“ е дезинформација и обид за манипулација на граѓаните.

Министерката за одбрана и Министерството се горди што НАТО знамето е поставено до македонското знаме дома, и македонското знаме се вее пред седиштето на Алијансата и ние тоа никогаш нема да го криеме, туку, напротив, постојано ќе го истакнуваме.

Бараме да го објавите нашиот демант и да се извините за овие евтини манипулации кои не прават ништо добро за одбраната и безбедноста која е императив за секој граѓанин, туку само се обидуваат да фрлат сенка на системот кој упорно станува подобар, поорганизиран и поефикасен.

Во прилог на овој демант ви испраќаме и неколку фотографии направени за време на посетата на кинескиот министер за одбрана, кои јасно покажуваат дека вашата „вест“ е обична дезинформација”, се вели во реакцијата на МО.

Редакцијата на expres.mk се извинува што објави фотографии на кои се гледа дека во сала каде што обично се поставени знамиња на Македонија, НАТО и ЕУ на средбата со кинеската делегација не биле поставени истите знамиња и објавува две фотографии од индивидуалните средби на министерката со кинескиот гостин на кои се поставени соодветните знамиња

Во исто време очекуваме објаснување зошто на заедничката средба во просторијата каде што вообичаено стојат и другите споменати знамиња нив ги нема за што одбрана не дава објаснување во својата реакција.