
Агенцијата за разузнавање преку соопштение го демантира текстот со наслов „Власта ја реактивира операцијата „Атлантик“ со цел кршење на Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени“, објавен на 22.08.2023 г. на порталот „Expres.mk“.
Оттаму велат дека авторот на текстот Г.М. ја наведува Агенцијата за разузнавање дека е дел од т.н. операција „Атлантик“, која според авторот има за цел оперативно да ги обработува политичките неистомисленици преку физичко и електронско следење на комуникациите.
„Агенцијата за разузнавање нема заведено операција со такво кодно име, односно не е дел од заедничка операција со домашните служби, ниту пак со сојузниците од НАТО и ЕУ. Во врска со наводите во текстот дека т.н. операција „Атлантик“ е продолжение на активности започнати во 2017/ 2018 г., прецизираме дека во тој период Агенција за разузнавање е раководена од друг директор, именуван од претходниот претседател на државата. Ве уверуваме дека Претседателот на РСМ, г. Стево Пендаровски не се меша во работата на Агенцијата, ниту пак дал наредба за следење на активностите на политичките неистомисленици“, се наведува во соопштението.





