Разрешен директорот на Управата за извршување на санкции Марјан Спасовски

Владата на денешната седница го разреши Марјан Спасовски од должноста директор на Управа за извршување на санкциите.



Ова уште вчера го најави премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека не е задоволен од неговата работа.

Ваквата одлука доаѓа по бегството на затвореникот од Идризово на кој командирот Срѓан Димитријески и други вработени му помогнале во истото.  Осум дена притвор добија командирот и двајца затворски полицајци, а на четвртоосомничениот му се изречени мерки на претпазливост.

Како една од неправилностите, утврдени при вонредниот инспекциски надзор на 13-ти овој месец, е тоа дека одлуката да биде спроведен затвореникот до Клиничкиот центар ја донел командирот на одделение и ја потпишал наредбата за спровод без претходно подготвен упат од здравствен работник.

Како што наведуваат од Министерството за правда, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, мора за неговата здравствена состојба да се подготви упат од лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана.

– Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана, посочија од Министерството за правда.

Следното правило што не е испочитувано е дека осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, по предлог на командирот, било сместено во вториот дел на седиштата меѓу два припадници на затворската полиција.

– Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен, наведе Министерството за правда во соопштението.

Спасовски беше директор на затворот во Куманово, од каде во 2020 поднесе оставка, па беше именуван за директор на Управата.