Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што тие ѝ се потребни на ЕУ, порачуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во заедничка изјава насловена „Европски Западен Балкан“, објавена по онлајн-средбата што ја имале утрово.
На почетокот на изјавата тројцата лидери порачуваат дека постојниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да ги одржи првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија одат против европската волја на трите земји, но и против интересите на самата ЕУ.
„Ги покануваме и охрабруваме нашите колеги во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сè од себе за тоа да се случи“,повикуваат Заев, Вучиќ и Рама.






