Истражувачот и публицист Диме Ратајковски со историско-психолошка-уметничка анализа на однесувањето на власта кон таканаречениот француски предлог.
,,Изречното кажување НЕ на т.н француски предлог, кое потоа стана ДА на модифицираниот, најсликовито ја оживеа онаа позната фабула за „Дресерот на мајмуни“ на древнокинескиот философ и мислител Чуанг Це, во која многумина ќе си ја препознаат својата површност, проѕирна лукративност и ментална закоравеност (барем такви се заклучоците од истата – worldwide)”, пишува Ратајковски раскажувајќи ја приказната.
,,Дресерот на мајмуни решил да им го смени режимот на исхрана на мајмуните, давајќи им предлог: – Отсега натаму, наутро ќе добивате по три ореви, а приквечер по четири. На ваквиот предлог мајмуните збеснале и сиот свој гнев го насочиле кон својот дресер, негодувајќи на предлогот и одбивајќи го со лутина. Па така, дресерот морал да го смени предлогот, велејќи им: – Во ред! Вака ќе направиме… Секое утро ќе добивате по четири ореви, а приквечер по три?! Па така, мајмуните среќни и задоволни го прифатиле предлогот на својот дресер, со силни восклици на радост и среќа”, објаснува Ратајковски што може да биде во позадината на однесувањето на Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другите.
Чуанг Це е еден од највлијателни кинески философи и мислители. Претставник е на Т/Даоизмот, а најпознат е по својот философски скептицизам… Живеел во четвртиот век п.н.е. и творел во најплодниот период на кинеската философија, насловен „Стоте школи на мислата“.
Фотографијата што ја објавува Ратајковски за да илустрира што ни се случува е насловена како „Деволуиран парламент“, насликана е во 2009 година. Маслото на платно е дело на Бенкси кој во неа ги заменува британските политичари кои дебатираат во Долниот дом со шимпанза и орангутани.
,,Во 2019 година, уметничкото дело стана најскапото на Бенкси досега, продадено за 9,9 милиони фунти (12,2 милиони долари) во Сотби во Лондон. Секоја сличност со нашиот парламент е случајна”, пишува Ратајковски.





