Расте бројот на заразени со салмонела во Берово

Се зголемува бројот на деца кај кои е констатирано присуство на бактеријата салмонела, покажале резултатите од испитувањето од земените мостри. Денеска се евидентирани уште 6 нови случаи, со што бројката на заразени се искачи на вкупно 11. Од Центарот за јавно здравје во Кочани, велат дека кај нив на дневна основа пристигнуваат нови копрокултури за анализа од целиот регион и стравуваат дека бројот на заразени и понатаму ќе расте. Директорот, Гоце Серафимов вели дека за анализа пристигнати се нови мостри.



– Резултатите кои ги добивме утринава покажуват дека имаме уште шест нови случаи на заболени деца кои се од тој крај. Бидејќи, резултатите покажаа дека имаме поголем број на заразени деца со салмонела, анкетите ќе покажат дали има потреба да се зголеми обемот на испитување во регионот, изјави Гоце Серафимов, директор на Центар за јавно здравје-Кочани.

Родителите реагираа на социјалните мрежи и посочија дека околу 40 деца имале здравствени проблеми со симптоми карактеристични на оваа бактерија. Кујната во градинката е затворена, се додека не се добијат три последователни негативни тестови.

Случајот со бактеријата салмонела во беровската градинка „23 август“ е од минатата недела, кога беа потврдени пет случаи, а дали и новите шест се поврзани со градинката ќе се знае по направената анкета од епидемиологот. Претходно од оваа институција информираа дека од направените анализи на земаните мостри од површините и вработените во детската градинка 23 август се покажа дека нема салмонела, но се уште се чекаат резултатите од храната, кои најверојатно ќе се знаат во текот на утрешниот ден.