Расте бројот на Украинци кои не планираат да се вратат во родната земја

Дури и по завршувањето на војната, дел од Украинците веќе не планираат да се вратат дома. Бројот на украински граѓани кои размислуваат да останат во странство се зголемува.



Анкета на социолошката група Рејтинг покажа дека 8 отсто од анкетираните Украинци се со ваков став. Податоците се објавени на крајот на јуни, и покажуваат дека 87 отсто од испитаниците изразуваат намера да се вратат дома, додека 15 отсто размислуваат за истото во блиска иднина. Понатаму, 24 отсто сакаат да се вратат, но ќе чекаат, 48 отсто ќе се вратат, но по завршувањето на војната, а 8 отсто рекле дека нема да се вратат дома. Во споредба со април годинава се намалува бројот на оние кои планираат веднаш да се вратат, се зголемува бројот на оние кои ќе се вратат по војната или воопшто нема да се вратат.

Демографот Дончо Герасимовски вели дека сега Украина е во војна, буквално во урнатини, и во такви услови, за сите кои ја напуштиле земјата ќе биде многу тешко да се врaтат и да го почнат животот од нула. Додава дека ако војната потрае, ќе се зголемува и бројот на граѓани кои нема да се вртат или ќе се иселуваат.

„Никој не може да каже кога ќе се оконча војната, и посебно ако трае со месеци, ќе се зголемува бројот на граѓани кои ќе бараат подобри услови за живот. Оние кои веќе заминале, добиваат или некаква социјална помош од државите, или пак се во развиени земји каде се нудат подобри работни места, поголеми шанси за напредок и тоа го прифаќаат. Ако општеството остане на ист степен на развој, на ист стадиум долго време, тоа се смета за сиромаштија, но во Украина веќе станува збор за уништување на државата“, вели Герасимовски.

Украински бегалци има во многу земји во светот, на различни континенти и се во неизвесност кога и како ќе заврши војната со Русија.

„За другите не знам, но јас планирам да се вратам“, вели Наталија Пахтјохова која избегала од Киев поради војната.

Фотографот Олег Петрасиук кој живее во Киев, вели дека има секакви случаеви, секакви човечки судбини поврзани со војната.