Координаторот на пратеничката на ДУИ во Собранието Изет Меџити поднесе оставка на својата позиција претставник на сите пратеници на интегративците во законодавниот дом.
Во дипломатски напишаната оставка на шефот на скопското крило на ДУИ се вели дека причината за оставката треба да се бара во процесите во политичкиот субјект на кој припаѓа Меџити.
“Се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РМ”, пишува Меџити кој почна отворена внатрепартиски војна со вицепремиерот Груби и шефот на дипломатијата Османи откако ДУИ постигна убедлива победа во Скопско а тој за разлика од двајцата не доби висока државна функција.
Целата оставка:
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија, г-дин Талат Џафери,
Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Дозволете ми, како координатор на пратеничката група на Демократската унија за интеграција, да изразам искрени честитки за вашата повеќе од конструктивна улога и вашата неприкосновена посветеност, што секогаш резултираше со ефикасност во работата на највисокото законодавно тело на РМ и придонесе за дополнителни демократски вредности во домот на демократијата.
Инаку, таа, демократијата, секогаш не само што дозволува, туку и ја промовира и иницира дебатата, а со тоа и различното мислење, не само во општеството и во храмот на демократијата, републичкиот парламент, туку дури и во рамките на еден политички субјект.
Јас, во текот на овие 20 години активен политички живот, секогаш докажував дека сум приврзаник и бранител, без никакво двоумење во себе, на двата главни принципи на демократијата: гласот на слободната мисла и силата на гласот на мнозинството на гласачкото тело.
Различното мислење е повеќе од здраво за едно демократско општество, додека силата на гласот на мнозинство гласачи е главната одредница за концептуалноста на демократијата на сите нивоа.
Од оваа причина, стоејќи достоинствено зад овие принципи, останувајќи силно зад личните ставови, досега често изразени во јавноста, дека во политичкиот субјект на кој припаѓам од првите денови на нејзиното основање, се развиваат случувања што на никаков начин не можат да одат во прилог на најголемата политичка сила на Албанците на РМ и што е уште поважно, ни во прилог на неприкосновениот лидер на Албанците, претседавачот г. Али Ахмети, но и заради не создавање на забуна ниту кај еден мој колега во Собранието, а од друга страна, со намера да дадам поширок простор на мојата интенција за подостоинствена елаборација на позицијата зад која силно стојам, Ве известувам дека се повлекувам од позицијата координатор на пратеничката група на ДУИ.
Продолжувам да бидам гардиан на политиките и идеалите на претседателот Али Ахмети, како и на волјата на гласачите на ДУИ, кои во сите изборни циклуси ни го дадоа најсилното оружје во наши раце, за да го оствариме она што го ветивме и за што сме се заложиле пред нив. Ова беше и ќе остане мој идеал, а не личните позиции и привилегии.
Со почит
Изет Меџити






