Заклучно со крајот на првиот квартал од оваа година, депозитите од домаќинствата и корпоративниот сектор на годишна основа забележале забрзан раст, додека растот на кредитите бил помал, заклучува Советот на Народната банка по узвојувањето на извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првите три месеци од 2023.

- – „Во услови на задржана доверба во банкарскиот систем, депозитите забележаа забрзан годишен раст до нивото од 7,8 отсто, a oсобено карактеристични се поволните поместувања кај долгорочните депозити, коишто по подолгиот период на намалување, во првиот квартал забележаа раст на годишна основа. При извесно затегнување на финансиските услови, годишниот раст на кредитирањето забави и изнесуваше 6,4 проценти“, соопшти централната банка.
Стапката на адекватност на капиталот забележа квартално зголемување за 0,3 процентни поени, достигнувајќи го највисокото ниво во последните шеснаесетина години, од 18 отсто, а најмногу како резултат на реинвестирањето на добивките од минатата година.
- – „Квалитетот на кредитното портфолио на банките се задржа. Вкупните нефункционални кредити продолжија да се намалуваат, со што и нивното учество во вкупните кредити се намали за 0,1 п.п., до ново историски најниско ниво од 2,8%. Сепак, неизвесното окружување, заедно со постепеното затегнување на финансиските услови, наметнува потреба банките и натаму внимателно да го следат кредитниот ризик“, порачуваат од Народна банка.





