Повеќе нема влезници за возвратниот натпревар со Германија в понеделник од 20:45 часот во Скопје од квалификациите за Светското првенство 2022 во Катар, соопшти Фудбалската федерација на Македонија.
Тоа значи дека Националната арена „Тодор Проески“ за натпреварот со четирикратниот светски шампион на Денот на народното востание ќе биде исполнета со половина од својот капацитет од 33.011 места за седење, колку што е дозволено со антиковид мерките.
Двете репрезентации во својот втор меѓусебен дуел воопшто по мартовскиот во Дуизбург што го доби Македонија со 2:1 ќе влезат со нови селектори – „црвено-жолтите“ со Благоја Милевски на местото на игор Ангеловски, „панцерите“ со Ханси Флик место Јоаким Лев.
По шест одиграни кола Германија е прва во групата Ј со 15 бода, а Македонија четврта со 9. Пред средбата в понеделник Германците утревечер ќе ја пречекаат Романија, а најдобрите македонски фудбалери ќе му гостуваат на Лихтенштајн.





