Расправата за Предлог- законот за пописот на населението, домаќинствата и становите во Македонија, 2021 година, почна вчера, а пратениците продолжуваат со дебатата денеска на пладне додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара предлог-законот да биде повлечен.



Предлог-законот вчера го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу, кој рече дека со законското решение е предвидено пописот да се спроведе од 1 до 22 април оваа година, а со него ќе бидат опфатени и лицата кои работат надвор од државата.

Според него, „лицата кои работат надвор од државата, попишувањето ќе го извршат сами, со посебна апликација, која ќе биде инсталирана на интернет-страницата на Државниот завод за статистика, од 1 март до 21 април 2021 година“.

Предвидени се 50 региони за попис и секој од нив ќе има посебна комисија во која ќе се почитува правичната застапеност на попишувачите.

„Во четвртото поглавје од законот, е предвидено дека актите што ги донесува директорот на Заводот за статистика ќе имаат правен ефект ако нив ги прифати и неговиот заменик. Така, не може да има измама на етничка основа“, објасни Нухиу.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара веднаш од собраниска дебата да биде повлечен Предлог-законот за попис и владејачкото мнозинство да организира внатрепартиска и внатредржавна дебата со сите општествени фактори со цел да се најде консензуално решение како да се спроведе оваа статистичка операција.

Доколку тоа не се случи, како што изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, партијата ќе поднесе иницијатива до Министерството за правда за собирање на потписи за предлог-закон, со кој ќе се поништи законот за попис.