Раскол во силите на СДСМ во Центар, Белчева оди со независна листа

Поранешната претседателка на Советот на Општина Центар Јана Белчева-Андреевска веќе нема да биде дел од силите што под своја контрола ги има СДСМ.



Таа ќе биде носителка на листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври. Листата на иницијативата утре ќе ја претстави заедно со кандидатите за советници во Општина Центар проф. д-р Дивна Пенчиќ и Јане Димески.

„Шанса за Центар“ е граѓанска иницијатива која произлезе од поврзување на иницијативата „Здравје пред профит“ позната и како „Во одбрана на Дебар Маало“).

Целта на листата е да се спречи натамошното уништување на општината и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во Центар, велат од иницијативата.

„Главна цел на ‘Шанса за Центар’ ќе биде Општината да се развие по мерка на граѓаните, каде политиките ќе се носат отворено и ќе бидат базирани на анализи и податоци. Квалитетот на живот на граѓаните ќе биде појдовен принцип на делување на избраните советници. Најважните заложби на „Шанса за Центар“ се потребите на граѓаните. Нивното право на чист воздух. Нивното право на безбедно и достоинствено урбано живеење. Учество во работата на Општината“, велат од „Шанса за Центар“.

Белчева-Андреевска лани во мај поднесе оставка од функцијата претседавач на општинскиот Совет под контрола на СДСМ.

Тогаш рече дека за овој чекор се одлучила бидејќи не сака да биде дел од мнозинството во Општина Центар, што го има СДСМ, „кое не е спремно за прогрес и транспарентност, туку напротив дозволува назадни, ризични, конзервативни и нетранспарентни процеси“.

Таа беше носителка на советничката листата на СДСМ на локалните избори во 2017 како претставник на граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, платформа која подоцна прерасна во „Здравје пред профит во Центар“, а по оставката на чело на Советот остана да биде независен советник во Советот на Општина Центар пренесува СДК.