Расизам во Грција: Лани 117 напади

Мрежата за регистрација на расистичко насилство во Грција во периодот јануари – декември 2018, регистрирало 117 случаи на насилство на расистичка основа, во кои биле нападнати над 130 лица, што претставува зголемување во споредба со 2017, јави МИА од Атина.



Според годишниот извештај на мрежата, во 74 случаи на мета биле бегалци и мигранти поради нивното потекло, религија и боја, здруженија на странци и заштитници на човековите права на бегалците и мигрантите.

Решиси половина од  нападите се случиле на улици или плоштади.

„Во 2018 година, мрежата регистрираше пораст на случаите на расистичко насилство, особено кон бегалците и мигрантите. Зголемувањето е поврзано со политичката поларизација на глобално ниво во однос на прифаќањето на бегалците и мигрантите, во комбинација со националните и локалните фактори што ја создадоа ситуацијата во Грција. Зајакнување на присуството на екстремно десничарските партии во Европа ги охрабрува ксенофобичните групи кои заземаат сѐ поголем дел од јавната сфера“, пишува во годишниот извештај на мрежата за регистрација на расистичко насилство во Грција.

Грчката полиција, според податоците што ги испратила до организацијата, минатата година регистрирала 226 случаи, кои „веројатно“ имале расистички мотиви, од кои 63 се однесувале на говор на омраза.