Апелација денеска одлучи поранешниот генс-сек на Владата, Драги Рашковски кој понуди половина милион евра гаранција да излезе од притвор, да од Шутка да замине во домашен притвор.



Советот не ја прифатил гаранцијата, туку се одлучил за куќен притвор, бидејќи постои основан страв дека може да се уништат траги на кривичното дело, или Рашковски да ја попречува истрагата.  

„Притворот за Рашковски е определен по член 165 став 1 точка 1 и 2. Жалбата на решението за притвор е со гаранција. Бидејќи нашиот Совет оценил дека се уште постои точката 2, поради која е определена мерка притвор, а точка 2 се состои во постоење основан страв дека може да се уништат трагите на кривичното дело, или кога постојат околности што укажуваат дека обвинетиот може да ја попречува истрагата, значи кога постои тој основ тогаш мерката притвор не може да се замени со гаранција“, се вели во образложението.

Драги Рашковски е осомничен за набавка на софтвери, а според обвинителството за организиран криминал и корупција, преку јавните набаки кои тој ги спровел направена е штета врз буџетот од околу 180 илјади евра.