Поранешниот генерален секретар на владата,Драги Рашковски, во допис до Антикорупциската комисија (ДКСК) реагираше на барањето Јавното обвинителство да отвори постапка против него за утврдување одговорност за примање награда – возило, „доџ вајпер“, дознава „360 степени“.



Рашковски тврди дека сите сознанија што вчера ги обелоденија антикорупционерите се „еклатантни невистини“.

„Како орган чија основна задача треба да е откривање на незаконски дејствија со цел да се спречи корипцијата, вие си земавте за право да изнесувате еклатантни невистини и притоа да обвинувате за наводно сторено кривично дело, при тоа самите вршејки кривично дело согласно член 366 од Кривичниот законик.

Рашковски бара ДКСК да одговори која е компанијата од која автомобилот е добиен на поклон, јавно да ја објави процкената на автомобилот за кој комисијата вели дека вреди 50.000 евра како и да ја објави одлуката врз која наводно е влијаено да биде донесена а за што за возврат Рашковски го добил автомобилот на подарок.

„Иако не е на мое интелектуално ниво, а не треба да е ниту ниво на една институција која ја претставувате, бидејки јавно беше упатена понуда за купопродажба на автомобилот, сопственикот на автомобилот, кој е мој другар преку полномошник Ви соопштува дека прифаќа предметниот автомобил да Ви го продаде за цена од 5.000 евра. Во прилог се фотографиите од истиот. Ваквите паушални обвинувања фрлаат сомнеж дека намерата е да се наштети на нечија личност, а не на остварување на надлежностите на Вашата институција“, пишува Рашковски.

Во дописот се вклучени и фотографии од автомобилот „доџ вајпер“ на кои е прикажано возило кое е во фаза на реставрација и поправка.

Според ДКСК, сопругата на Рашковски добила на подарок автомобил од 50 000 евра од страна на лицето Игор Христов, кој истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма.

Фирмата, пак, претходно побарала од Генералниот секретаријат на Владата, додека со него раководеше Рашковски, за имот со деловен простор во Гостивар во сопственост на државата да ѝ биде пренесено правото на градење и уредување.

„360 степени“ откри дека џипот е во сопственост на фирмата „ГБЦ системи“, регистрирана за трговија на мало со аудио и видеоопрема, чиј единствен газда, според Централниот регистар, е Игор Христов. Истиот Игор Христов, Рашковски го ангажирал како хонорарец за одржување информатички системи во Генералниот секретаријат на Владата. Тој е и меѓу осомничените за набавката на софтверот.