Фото АлсатМ
На падините на планината Скопска Црна Гора на 20 километри од центарот на градот се наоѓа викенд населбата Побожје. Луксузна хациенда тука ќе гради семејството на Драги Рашковски, поранешен генерален секретар во Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при релизација на програмите за работа на Владата, објави денеска АлсатМ.
“Инвеститори на супер-комотната куќа се неговите две малолетни деца. Вака изгледа просторот на „Гугл Мапс“. Но, во Побожје сосема друга состојба. Плацот е веќе израмнет како тепсија и тоа на површина од неколку илјади квадрати. На терен има и два багера.
На плацот, според имотниот лист, постоеше викенд куќа од околу 60 – на метри квадратни. Сега просторот е порамнет.
Според нашите информации и проектот кој треба да се изгради тука, станува збор за куќа од над осумстотини метри квадратни нето површина.
Големиот градежен зафат во кој имавме увид предвидува објект за домување, базен, теретана, соба за билјард и разни други погодности”, објави новинарот Бојан Стојановски.
Според АлсатМ на имотот како сопственици се јавуваат децата на Рашковски кој пак лично поседува 11 илјади метри кавдаратни земјоделско земјиште. Го впишал во анкетниот лист по изборите лани. Но, овој имот го нема во неговиот претходен анкетен лист кога дојде на функцијата Генерален секретар на Влада. Го купил потоа за речиси 100 илјади евра, објавува Стојановски.
Рашковски во анкетниот лист го нема пријавено ниту џипот од 74 илјади евра.
Видео прилог на Алсат-М






