Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје одлучил Драги Рашковски наместо во притвор, да оди во куќен притвор.
Обвинителството, пак, бараше ексгенералниот секретар на Владата да оди во притвор во Шуто Оризари поради опасноста од бегство и криење и влијание врз сведоци, но судијата одлучил да изрече поблага мерка – куќен притвор бидејќи обвинителството немало докази, јави 360 степени
„Имено во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или ќе влијаат на истражната постапка“, соопштија од судот.
Ист е случајот и со сопственикот и управител на фирмата што ја доби спорната набавка „Инвока гроуп“, Даниел Станчев.
Покрај ова на Рашковски и на Станчев им се забранува комуникација со другите осомничени и користење на средства за комуникација.
Рашковски беше приведен и спроведен до судот утрово откако вчера Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција вчера отворило истрага за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци.






