Рампата кон Грција за македонски граѓани останува уште 7 дена

Грчката Влада ја продолжи за уште седум дена, до 26 парил, забраната за влез на државјани од трети земји, а во оваа група ја сместуваат и Македонија.



Привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од било која влезна точка, на било кој начин и со било кое средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија” стои во најновата министерска одлука.

Исклучок, како и досега, се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур и Израел.

Од денеска на оваа листа е и Србија.

Српските граѓани ќе можат веќе од денеска да патуваат со потврда за вакцинација или негативен ПЦР тест, потврдија српски медиуми.

Границите на Грција, веќе 13 месеци се затворени за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш континуирано се продолжува.

За еден месец, односно на 14 мај, според најавите од грчката Влада, Грција ќе го отвори туризмот за сите, а за патување ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19, јавува МИА