„Рампа“ за Србија кон ЕУ од Литванија поради Русија

Литванија се противи Србија да го отвори поглавјето 31 во пристапните преговори со ЕУ кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, поради односите на Белград со Москва.



Поради ова, министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ смета дека тоа нема да се случи ни до крајот на оваа година.

„Поглавјето 31 вообичаено не е премногу тешко, но бидејќи меѓународните односи се искомплицираа и земјите на ЕУ мораа да се усогласат за да постигнат консензус околу некои прашања, поради што се променети и очекувања на некои кандидати“ изјави министерката за српски „Новости“.

На прашањето дали Литванија е единствената која се противи Белград го отвори ова поглавје, Јоксимовиќ објаснува:

„Треба да се разбере дека во оценката на секое прашање од значење за надворешната и безбедносната политика, членките поаѓаат од сопствените национални интереси и дека со консензусот го подигнуваат на ниво на заедничка политика на ЕУ. Од земјите кандидати се очекува усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ да се постигнува постепено до членството“, вели Јоксимовиќ.

Литванската претседателка Далиа Грибауските во мај годинава при нејзината официјална посета на Белград ги предупреди српските власти дека треба да ја усогласат својата позиција кон Русија со онаа на ЕУ.