Албанскиот премиер Еди Рама го потврди постоењето на мапа со променети граници на Западен Балкан. Рама вели дека ја видел мапата пред појавата на наводниот нон-пејпер кој се поврзува со словенечкиот премиер, Јанез Јанша.



„Разговарав со него многу одамна. Го видов и тој документ што беше објавен. Немам коментар”, рече Рама во емисијата “Избори 2021”, пренесе Б92.

Во четвртокот, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави документ, нон-пејпер кој наводно предлага ревизија на границата меѓу Косово и Србија, обединување на Косово без северниот дел со Албанија, обединување на делови од Црна Гора и Македонија каде живее мнозинството албанско население со Албанија, отцепување на Република Српска.Босна и Херцеговина и нејзино обединување со Србија, како и обединување на делови од западна Босна со Хрватска.

Од ЕУ тврдат дека не знаат за таков документ.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја ќе претседава со Европската унија во втората половина на оваа година, изјави дека тврдењата за постоење на тој акционен документ се насочени да им наштетат на Словенија во ЕУ“.

„Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската иднина за земјите од Западен Балкан и ваквите пишувања се обидуваат да ја спречат оваа цел“, објави Јанша на социјалните мрежи.