„Кога Албанија го почна пристапниот процес пред речиси две децении, клучот беше да се оддалечиме од балканскиот национализам, но денес нашиот проблем не се балканските национализми, туку национализмите во ЕУ.
Она што нѐ спречува да влеземе во ЕУ е влијанието на национализмите на ЕУ врз политичкиот живот на важните земји од ЕУ“, вели албанскиот премиер Еди Рама во интервју за Фајненшенел тајмс.
Од шесте западнобалкански земји, Албанија, Србија, Црна Гора и Македонија се кандидати за членство во ЕУ, а Косово и Босна се потенцијални кандидати.
„Албанците имаат свои разочарувања од Брисел, но тоа не го менува верувањето дека мора да бидеме таму“, рече албанскиот премиер.
„Веќе ги консумиравме сите љубовни приказни и бракови“, додаде тој имплицитно мислејќи на врските што Албанија ги имаше за време на комунизмот, прво со Русија, а потоа со Кина. „Бараме нов брак, а не стар. Но, овој тип на брак е секако тежок“, додаде тој.
Рама призна дека чекањето е фрустрирачко, но земјите што му се додворуваат на регионот, без да ги именува Русија, Кина и Турција, ги нарече несоодветни додворувачи.
„Другите може да донесат пари, инвестиции, можеби дури и кавијар, но нема да може да го донесат она што ви треба за да изградите функционална слободна земја“, изјави Рама за ФТ.






