Албанскиот премиер Еди Рама изрази поесимизам во врска со можноста неговата земја претстојната седмица да добие датум за почеток на преговори за членство во Европска унија.
„Дали сум оптимист? Не“, одговори тој во интервју за весникот „Ајриш тајмс“. „Нема многу причини за да се биде оптимист со оглед на тоа што се случува во Европа денес. Оптимист сум за иднината на земјата, но не за тоа што ќе се случи следната недела“.
Според Рама, Албанија е жртва на поделеноста во ЕУ и на дебатата предводена од Франција за потребата од реформирање на Унијата пред нејзиното понатамошно проширување.
„Ние сме колатерална штета. Кога има бомбардирање некаде и е погодена градинка – ние сме градинката“, сликовито објасни тој.
Претседателот на Владата на Албанија се чуди што сака уште ЕУ по бранот оставки и отпуштања на судии и обвинители осомничени за врски со криминалното подземје или за недејствување.
„Ние исчистивме толку темелно што Уставниот суд практично е избришан. И сега тие [ЕУ] велат: „Во ред, исчистивте, но немате Уставен суд“, се жали премиерот на Албанија од 2013 година наваму. „Тие велат: ‘треба да го оперирате ова тело’ – а ние велиме: ‘да, бидејќи типов има рак’ – за сред операција да прашаат зошто тој не трча. Па, прво треба да излезе од операциската сала и да заздрави, па потоа ќе трча“.
„Не бараме да бидеме членка на ЕУ следната недела. Знаеме дека не можеме да го сториме тоа без Уставен суд. Ние бараме да почнеме пристапни преговори, кои би можеле да траат можеби 10 години. Тогаш судете ни, по 10 години“, резонира Рама во интервјуто за ирскиот весник.





