Ракометарите на Вардар се вратија на врвот на табелата во македонската Суперлига со ремито 27:27 против Еурофарм Пелистер во Битола, со кој имаат по 42 бода од 15 натпревари, но и подобар биланс во меѓусебните дуели.
Бодот вреден прво место го донесе Дибиров со реализираниот седмерец две секунди пред крајот, откако домаќинот во својот последен напад му подари топка на бранителот на титулата, а Гаџа беше соборен во просторот од 6 метри.
Двократниот европски првак имаше предност во најголемиот дел од средбата, која во финишот на првото полувреме достигна и 17:12, а водеше и со 26:24, пред за малку да фрли сè во вода како во седумте порази во низа во Лигата на шампионите.
Покрај „спасителот“ Дибиров, кој постигна 4 гола, заслуги за ремито на „црвено-црните“ имаат и Гаџа, кој со 8 погодоци беше прв стрелец на мечот, како и Тоту со 6 и Талески со 5, а Ристовски забележа 10 одбрани.
Кај битолчани се издвои Мандалиниќ со 7 гола, пред Обрадовиќ со 6 и Периќ со 5.





