Најдобрите македонски ракометарки ја „прегазија“ Литванија со 31:21 и веќе по второто коло од квалификацискиот турнир во Скопје обезбедија учество во априлскиот бараж за Светското првенство што ќе се одржи во декември во Шпанија.
Освен во почетните 20 минути, по кои „црвено-жолтите“ водеа само со 9:8, останатиот дел од натпреварот во арената „Борис Трајковски“ целосно му припадна на домаќинот.
Како и во стартниот триумф над Исланд, Сара Ристовска одново беше прв стрелец на мечот со 8 гола од 11 обиди, Симона Стојковска оствари ефект 5/8, а Александра Боризовска 4/5.
Во последниот круг од втора група утре од 17:45 часот избраничките на селекторот Симе Симовски ќе играат со отпишаниот аутсајдер Грција.






