Ракометарите на Вардар од Битола најавија нова титула

Со триумфот од 26:23 против Еурофарм Пелистер во Битола, ракометарите на Вардар го презедоа од директниот ривал првото место на табелата во македонската Суперлига и најавија нова шампионска титула.



На три кола до крајот на плејофот „црвено-црните“ имаат 23 бода, еден повеќе од пелистерци, од кои се подобри и во четирите меѓусебни првенствени дуели сезонава.

Бранителот на титулата ги покажа своите амбиции за реванш на битолчани за поразот во Скопје уште со водството од 10:7 во првото полувреме, а точка на победата стави Борко Ристовски со одбранетиот удар на Елмир Граѓан 40 секунди пред крајот.

Куни Моралес со 9 гола беше најдобар поединец на дербито во салата „Боро Чурлевски“, а Филип Талески го следеше во нападот со 6 погодоци.

За Еурофарм Пелистер се покажа ненадоместливо отсуството на „моторот“ на екипата Јосип Периќ, па 3.500 „чкембари“, кои создадоа пеколна атмосфера, останаа да жалат за пропуштената можност за доближување до првата титула на своите миленици по 2005 година.