Европскиот, регионален и македонски првак Вардар го урна трикратниот ракометен шампион на Европа, Кил, и тоа на негов терен, совладувајќи го со 29:28 во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите.



Својата класа најдобриот тим на стариот континент ја покажа на жешкиот терен во Германија во првото полувреме, кое го доби со 14:12, како и во последните пет-шест минути, кога се врати од негатива од 24:21, за Хорхе Македа да стави точка на триумфот со гол директно од аут во самиот финиш!

Во два наврата „црвено-црните“ имаа предност и од по три погодока, но во вториот дел резултатот го сврте домашниот голман Никлас Ландин, кој на шесте одбрани во првиот дел додаде уште осум, повеќето до средината на полувремето.

На спротивната страна Арпад Штербик имаше шест успешни интервенции во првите 30 минути и само уште четири во вторите, но токму неговата одбрана во последната минута му овозможи на Тимур Дибиров да го израмни резултатот, пред „зебрите“ својот последен напад од 25 секунди да го завршат со фрлена топка во аут, која Македа им ја врати во мрежата од својата половина!

Беспрекорни пред противничкиот гол со 5/5 беа Стојанче Стоилов и Иван Чупиќ, кој ги реализира сите пет седмерци, а Рожерио Мораеш Ферерира не погоди само еднаш од шест обиди.

Никлас Екберг со 4/4, Марко Вуин со 4/10 и Никола Билик со 4/9 беа најефикасни во домашната екипа.

Возвратната средба ќе се одигра в недела од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“, а вкупно подобриот од двомечот ќе се пласира на завршниот турнир во Келн.