Голманот на фудбалската репрезентација на Македонија, Столе Димитриевски, командуваше со одбраната на Рајо Валјекано и во домашниот дуел со Реал Мадрид, во кој неговиот тим приреди големо изненадување со победата од 3:2, нанесувајќи му го првиот пораз на шампионот во шпанската Ла Лига сезонава.



Како што забележаа коментаторите, Димитриевски го привлече вниманието и по завршувањето на натпреварот од 13. коло, кога, наместо дрес на противнички фудбалер, му го побара елекот на гостинскиот тренер Карло Анчелоти, чиј голем фан е македонскиот чувар на мрежата!

Елекот му е заштитен знак на Италијанецот, еден од најелегантно облечените фудбалски тренери.

Поразот го остави кралскиот клуб на второто место со два бода заостаток зад лидерот Барселона, а Рајо Валјекано е осми.