„Треба еднаш да ја земеме судбината во свои раце, затоа што станавме животно загрозени. Треба најсилно да се одбраниме себеси денес кога најжестоко ни се закануваат домашните и балканските програмери на геноцидот. Во срцата нам, на Македонците, ни гори голема надеж како светлина, светлина која што чека од нас да биде распламтена денес, затоа што утре можеби веќе ќе биде доцна. Да се разбудиме и да го запреме нашето уништување како народ, бидејќи се работи и за нашите деца!“ – порачува Мимоза Рајл во својата колумна со наслов „Македонски маглини“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Мимоза Рајл е директорка на Институтот за сценски уметности на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје. Таа е професор по естетика на аудио-визуелните уметности, како и есеист, колумнист, театарски критичар и поет.
Покрај другото, во својата колумна Рајл пишува: Важно е да создадеме општество, во кое Македонците веќе никогаш нема да страдаат. Да се случи конечен самрак на патолошко-сатанистичкиот елитизам. Тоа е она што нѐ поткопува во темелите. Тоа веќе требаше да го научиме како народ.
Прашањата, кои треба да ги поставиме денес, се: каде паднавме како поединци, како општество?! Како дојдовме дотука, еве и да нѐ тепаат? Ова е целосно ништење на достоинството и самопочитта кон себеси, една безобразна рамнодушност кон тоа во какво општество живееме и какво општество оставаме. За вашите деца се работи, разбудете се!
Од каде свесното прифаќање на оваа самоуништувачко-мазохистичка тенденција? Се случи дури и на работно место да ни влегуваат и да нѐ тепаат. Постојано сме во процес на откажување на себеси и своите достоинства. Овој процес почна со промената на знамето, а го достигна врвот со промената на името. Тогаш кажавме еве сме, правете ни што сакате, и сега зошто се чудиме дека живееме како зомбија во сопствената, мрачна сенка како народ.
Поради својот кукавичлак останавме неспособни да ги менуваме патолошките облици на однесување. Напротив, ги афирмираме. Со ваква инертност како народ ова ни е само почеток. Треба да очекуваме сѐ поголем број девијантни, самоуништувачки појави, кои ако сега не станеме и не ги запреме, ќе нѐ преплават, а ние ќе се удавиме во нив. Има неосвестени поединци, кои дури и ракоплескаат на овие појави. Секогаш едните исти човекомрсци наспроти македонскиот народ.
Каква величествена манипулација над народот?! Еве, така, тие нѐ лажат, а македонскиот народ е главната жртва на злоупотреба. Затоа е многу важно луѓето во Македонија да немаат свест, да немаат слобода и да бидат покорни од страв. Одиме некаде, но не знаеме каде ќе стигнеме, затоа што се самоуништивме. Вакви сите имаат право да нѐ тепаат, им дозволивме. Ја изгубивме контролата, а не смеевме.
Дали политичарите знаат дека етика и етичност е оној чин кога правиш сѐ за да не страдаат најголемиот број луѓе, за да бидат среќни? Има ли денес среќен Македонец, мислам на оној вистинскиот Македонце? Добиваме само ништење и омраза. А ние се откажуваме еден по еден со молчењето. Не само што ја изгубивме контролата, туку им дадовме моќ и голем простор да нѐ уништат докрај.
Треба еднаш да ја земеме судбината во свои раце, затоа што станавме животно загрозени. Луѓето како да не забележуваат дека се во пробиеното дно на бездната, заведени се, излажани, изманипулирани за некои туѓи цели. Бел ден нема да видиме се додека не бидат отстранети сите патолошки појави од оваа власт. Сега се случува најголемиот тест на народот.
Дали сме зрели за формирање здраво општество? Прво треба да го заштитиме здравото ткиво во општеството – оние што се способни, оние чесните, кои си ја сакаат својата татковина. Во последната деценија се разори тешко сплотеното единство на оние, што ја сакаа државата. Мора да се надминеме самите себеси и веќе да не учествуваме во самоуништувањето! Мора да се разбудиме!
Зарем не сфативме досега дека е илузија сѐ што ни рекоа? Треба да сфатиме дека патолошкото ни се сервира како возвишен идеал. Да прифатиме дека станавме осакатени. Луѓето со вистинско знаење не се на вистинските позиции, туку, напротив, се прави сѐ да бидат исклучени од јавниот живот, од страв дека нивните илузии ќе се распрснат како ‘Големата експлозија’ и оти народот ќе го проѕре уништувањето.
На македонскиот простор не може повеќе да не нѐ засега сопствениот национален развој. Денес на овие бришани балкански простори, кога најжестоко ни се закануваат домашните и балканските програмери на геноцид, како што ги нарекуваше Конески, треба најсилно и несоборливо да се одбраниме себеси. Во срцата нам, на Македонците, ни гори голема надеж како светлина, светлина што чека од нас да биде распламтена денес, затоа што утре можеби веќе ќе биде доцна!
Полицијата ја опколила тетовската болница, во престрелка ранети две лица





