Апсолутно е недопустливо животот и спокојството на бугарските граѓани да бидат изложени на ризик од страна на воените формации, без оглед дали се припадници на бугарската или на странска армија, изјавил денеска Румен Радев на средба со министерот за одбрана Георги Панајотов и на генерал-потполковник Љубчо Тодоров.
Причината за средбата бил упадот на американски војници за време на вежба во производствена работилница во близина на селото Чешнегирово.
Бугарскиот претседател побарал истрага за да се идентификуваат одговорните за немилиот настан.
„Вежбите со нашите сојузници на територијата на Бугарија треба да придонесат за поголема безбедност и доверба во колективната одбрана, а не да создаваат тензии меѓу бугарските граѓани“, нагласи шефот на државата.
Група војници вооружени со автоматски пушки ја прескокнале оградата и упаднале во фабриката.
Вработените во фабриката за производство на сончогледово масло во селото крај Пловдив се нашле на метата на војниците на НАТО, кои по грешка, за време на воени вежби, упаднале во нивното работно место, објавија бугарски медиуми.
Станува збор за маневрите „Swift response 21“ во кои учествувале, американски, италијански и бугарски војници. Според сценариото, десантот на војниците требало да биде на напуштен аеродром. Меѓутоа, веднаш покрај аеродромот се наоѓа фабрика.







