Претседателот Румен Радев го оцени како бесмислено прашањето дали Бугарија ќе го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку дојде во земјата.
„Прво, знаете дека актуелните односи меѓу земјите-членки на ЕУ и Русија не се такви што да сугерираат посета на претседателот на Руската Федерација – така што вашето прашање во моментов е бесмислено“, одговори Радев на новинарско прашање во Брисел, како што пренесе РСЕ.
Тој одби да одговори на прашањето дали Бугарија треба да се приклучи на иницијативата за потрага по нелегално депортираните украински деца.
Претходно, лидерката на БСП, Корнелија Нинова, директно рече дека ако зависи од неа, нема да го уапси Путин бидејќи тоа нема да има смисла и одби да го нарече агресор.
Таа ги нарече недокажани и „пропагандни“ информациите за депортирање на украинските деца, кои најчесто биле давани на посвојување во Русија.







