Радев и се пожалил на Донфрид за палењето на клубот кој носи име на фашистички соработник

Во телефонски разговор со помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид бугарскиот претседател Румен Радев меѓу другите прашања го отворил и проблемот палењето на клубот кој го носи името на фашистичкиот соработник на Хитлер и Мусолини.



Според бугарските медиум кои пренесуваат официјални информации од кабинетот на Радев и тој и Карен Донфрид го осудиле и го прогласиле за недозволиво палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ во Битола.

Според шефот на бугарската држава, палењето на бугарскиот културен центар во Битола го извршиле луѓе кои се обидуваат да ја задржат Република Македонија во сенка на тоталитарното минато на Југославија и да го попречат процесот на европска интеграција.

Румен Радев во разговорот изразил очекување од Бугарија за навремени постапувања од страна на институциите кај соседот, ,,што ќе спречи овој чин на агресија врз македонските Бугари да остане неоткриен и неказнет”.