Претседателот на Бугарија изјави дека би било грешка земјата да се приклучи кон договорот за испорака на милион гранати на Украина, но премиерот на Бугарија не го поддржа таквиот став, наведува во коментар украинската агенција UNIAN.



Румен Радев неколку пати изјави дека би било грешка доколку неговата земја се приклучи на договорот за испорака на милион гранати на Украина. Во исто време, оваа позиција не беше поддржана од премиерот на земјата.

Радев инсистира Бугарија земја да не се приклучи на иницијативата за испорака на милион проектили за Украина, тврдејќи дека тоа ќе и нанесе тежок товар на економијата, пренесува Њуз.Бг.

„Гледате дека конфликтот ескалира, носи огромни ризици и ги исцрпува нашите економии и општествени системи. И во Бугарија и во Брисел тврдев дека нашата земја не треба да интервенира со снабдување со оружје за војната во Украина за да се стави крај на овој конфликт “ тврди Румен Радев.

Во исто време, премиерот Николај Денков смета дека Бугарија мора да ги почитува своите обврски.Тој потсети дека бугарскиот парламент одлучил да испрати воена помош за Украина, па затоа земјата мора да биде доследна и да ја спроведе оваа одлука.

„Колку што знам, претседателот рече дека Бугарија учествува во помагањето на Украина. Така што гледам одредена противречност – од една страна ние учествуваме, од друга страна не учествуваме со доставување муниција, па претседателот нека ја објасни оваа контрадикторност“, изјави Денков.

Претходно, новиот бугарски министер за одбрана, Тодор Тагарев, во интервју за Политико изјави дека Бугарија има намера да се приклучи на програмата на ЕУ за испорака на милион муниција на Украина.

Бугарија е една од двете земји на ЕУ (другата е воено неутралната Ирска) кои не се приклучија на програмата.