Ваквиот став го искажал шефот на државата Румен Радев на средбата во Претседателството со Христијан Пендиков, кој во Охрид беше претепан поради бугарскиот идентитет, јавуваат бугарски медиуми.
Румен Радев ѝ честиташе на мајката на Христијан Пендиков што одгледала достоен син, а на Христијан за храброста да го одбрани своето бугарско име.
„Бугарија ќе ги користи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права, рече Радев, а Софија ги информирала и меѓународните партнери за уште една антибугарска кампања во РСМ“, се вели во соопштението на Претседателството.
„Институциите кај нашиот југозападен сосед мора со дела да докажат дека не се симпатизери на повеќегодишната омраза кон Бугарија“, рече Радев и потсети на подметнувањето пожари и пукоње во бугарските културни клубови во Македонија, како и на насилството врз македонските Бугари и бугарските државјани.
Шефот на државата инсистираше виновниците да бидат откриени и ефективно казнети. Тој увери дека Бугарија ќе ги следи постапките на институциите во РСМ за да го гарантираат животот и здравјето на своите граѓани, кои и покрај систематската репресија продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет.
Според него, услов за европската перспектива на Македонија е вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, реалната посветеност на институциите за искоренување на јазикот на омразата кон Бугарија и Бугарите, како и спроведувањето на билатералниот Договор за добрососедство.







