„Денеска, 5 мај, е Денот на македонскиот јазик! Денот на македонскиот јазик е усвоен како своевиден празничен ден во 2019 година, во чест на 5 мај 1945 година, кога Народната влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо. Иако одлуката за азбуката како официјално писмо, всушност, е донесена на 3 мај 1945, денот на нејзиното објавување во ‘Нова Македонија’ (5 мај 1945 година), по предлог на Советот за македонски јазик, во 2019 година е прогласен за Ден на македонскиот јазик.“ – пишува Јасминка Павловска во својата статија со наслов „Македонскиот јазик и македонскиот народ се нераскинлив дел oд македонскиот национален идентитет“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: “Одлуката за прогласување Ден на македонскиот јазик е донесена врз основа на едногласниот предлог на Советот за македонски јазик, како своевиден одговор на потребата која се чувствуваше во општеството за еден ваков ден. Во многу европски земји постои Ден на националните јазици. Како Совет за македонски јазик, кога предложивме одбележување на Денот на македонскиот јазик, сакавме во него да се препознае и континуитетот на словенската писменост на почвата на Македонија, која се развивала од 9 век, се негувала и од која низ вековите се создала традиција што е темелот на денешниот стандарден македонски јазик. Ова не ја одрекува писменоста на соседните словенски народи, но ја покажува и посебноста на македонскиот јазик.’ – вели универзитетскиот професор, македонистот Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик.“
„Кога се говори за важноста на македонскиот јазик во изразувањето на македонскиот национален идентитет, тие две категории се нераскинливо поврзани. Тоа особено доаѓа до израз во последниве години, кога сѐ посилно доаѓаат до израз загрозувања и негации од (надворешно)политички карактер, како на македонскиот национален идентитет така и на македонскиот јазик. Всушност и кодификаторот на современиот стандарден македонски јазик, Блаже Конески, постојано потсетуваше дека ‘македонскиот јазик е најголемото приближување до идеалната татковина’.“
„Послушајте, Македонци! Бидете на штрек пред таквите ‘правни’ диверзии, од каде и да идат! За нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сѐ што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Тој е, заправо, единствената наша комплетна татковина.’ – напиша Блаже Конески, како своевиден завет за чување на македонскиот јазик’. Во таа смисла, постоењето на Денот на македонскиот јазик означува и еден начин на почитување и одржување на заветот на Конески.“
„Сепак, лингвистите истакнуваат дека во одбележувањето на овој ден мора да се одбележи и ‘дијалектичкото единство со Денот на словенската писменост’. ‘Би сакал овој ден да се сфати во дијалектичко единство со 24 Мај, Денот на словенската писменост, никако како негова противречност. Само така може да се изрази посебноста на современиот македонски јазик, но и заедничкото општословенско јазично и книжевно наследство во кое нашиот јазик има значајна улога и место. Овие два празника, 5 Мај и 24 Мај, треба да бидат празници-близнаци’ – вели лингвистот Игор Радев.’
„Грижата и негувањето на посебноста на македонскиот јазик треба да бидат и да останат наша најголема обврска и мисија. Сѐ додека постои и се говори убавиот македонски јазик ќе постојат и македонскиот народ и македонската држава. Ако успеал досега да опстои низ вековите, тогаш македонскиот јазик и македонскиот народ ќе опстојат и во иднина, сѐ до вечноста.“ – заклучува Павловска во својата статија.
Интернет-врска до целата статија:





