Радев: Билатералниот протокол не ги брани до крај бугарските интереси

Францускиот предлог за Македонија содржи многу основни бугарски барања, но можеше да биде многу поуспешен доколку бугарските политичари посветеа поголемо внимание на целиот овој процес, изјави денеска бугарскиот претседателот Румен Радев.



Тој нагласи дека долго време инсистирал македонските Бугари да бидат впишани во Уставот на РСМ и тоа да биде почеток на преговорите. Радев се чуди како Петков ја прифатил идејата, но кога неа ја предложил францускиот претседател Емануел Макрон.

Според него, парадоксално е што било полесно да се убедат францускиот претседател и европските лидери отколку бугарскиот премиер, чиј кабинет, според Радев, не презел одговорност за своите постапки и не им оставил доволно време на бугарските институции да се запознаат со случајот.

Што се однесува до гаранцијата за културно-историското наследство, учебниците, јазикот на омразата, кои се бранат со билатералниот Протокол, вчера пратениците гласаа бланко за нешто со што многумина од нив никогаш не успеаја да се запознаат, што дефинитивно допринесува да не се обезбедат потребните механизми и рокови за заштита“, (на бугарските интересе -н.з.) истакна Радев.

Според него, тоа ќе ги доведе следните бугарски влади да имаат неплодни спорови со македонската страна, пренесе Њуз.бг.

Министерство за надворешни работи на Бугарија денеска соопшти дека е подготвено да продолжи со потпишувањето на Протоколот, согласно член 12 од Договорот за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ваквото соопштение на бугарското МНР следи по вчерашната одлуката на Народното собрание на Бугарија со која се дава зелено светло на предлогот на француското претседателство за почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Во соопштението на Министерството се вели дека „е време одговорните фактори во Република Северна Македонија не со зборови, туку со дела, да ја покажат својата посветеност и желба за сопствената и европската иднина на регионот“.