Радев бара „законски гаранции“ за Бугарите во Македонија

Бугарија треба да инсистира на гаранции во врска со почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, кои треба законски да се регулираат и спроведуваат во пракса.



Ова е дел од заклучоците на на експертската дискусија за состојбата и перспективите за развој на односите меѓу Бугарија и Македонија, што се одржа на иницијатива на бугарскиот претседател, Румен Радев.

Крајот на дискриминацијата на граѓаните во Македонија, кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет, е од клучно значење за развојот на билатералните односи, повикаа експертите. Честите случаи на повреда на овие права, стравот што го всадува секој што ќе се осмели да го покаже своето бугарско потекло, казната за каква било желба за поврзаност и добра волја кон татковината, се кршење на копенхашките критериуми за членство во ЕУ. Бугарското општество е многу чувствително на оваа тема и нема влада што би ги игнорирала овие околности, констатирал Радев.

Тој повтори дека напредокот на Македонија кон полноправно членство во Европската унија зависи од подготвеноста и политичката волја на Скопје да ги исполни критериумите за членство во ЕУ и почитувањето на правата на граѓаните кои отворено го изразуваат својот бугарски национален идентитет.