Работниците од „Фени“ без денар од стариот газда, никој не знае што го чека овој гигант кој тоне во долгови

Работниците од некогашниот гигант „Фени“ оставени на милост и немилост и без денар од стариот газда. Барем за сега, никој не знае што го чека овој гигант со сите натрупани долгови. Проблемите само се множат. Опремата и недвижностите во комбинатот ФЕНИ сега се во сопственост на Комерцијална банка, која преку тој имот го наплати долгот од речиси 38 милиони евра, објави Телма. Внатре се уште функционира фирмата „Еуроникел“, но не им дава два месеца плата на работниците. Тие, пак, за да не добијат отказ мора да се отчукуваат на влез секој ден, иако ФЕНИ не функционира.



Сопственик на Еуроникел, а до скоро и на ФЕНИ е инвестицискиот фонд G SOL, регистриран на Бахамите, а во моментот фирмата нема ниту директор. Пет години по затворање на стечајот, што тогаш беше прогласен за најуспешен од страна на владата на Заев и на тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, ФЕНИ, односно Еуроникел е повторно со долгови, што кулминираше со преземање од страна на Комерцијална банка.

Комерцијална банка известува дека на 11.12.2023 година во постапка за присилна наплата на побарувања од должникот ЕУРОНИКЕЛ ИНДУСТРИ ДОО с. Возарци Кавадарци, Банката се стекна со сопственост врз недвижен и подвижен имот за вкупна цена од 37.897.993 евра“, се вели во објавата на Македонска берза.

Така актуелната цена на ФЕНИ падна само на помалку од 38 милиони евра. Извори од Комерцијална банка за faktor.mk, изјавиле дека банката сака да си го наплати долгот со продажба на комбинатот, но на првата лицитација не се пријавил никој иако имало заинтересирани.

Од друга страна, работниците немаат никакви информации за своите плати и за здравственото и пензиското осигурување кои што ги немаат добиено за последните два месеци. На тој начин и тие стануваат доверители, но не знаат ниту кога ниту кој ниту како ќе им ги даде платите. Од синдикатот ни рекоа дека никој ништо не им кажува, а тие мора да одат секојдневно на работа и да ги отчукуваат своите службени картички за да не добијат отказ во комбинатот кој ем што не им дава плата, ем повторно е во проблеми.

Според информации на Телма, Еуроникел покрај долгови има и побарувања од државата за поврат на ДДВ во висина од 3,4 милиони евра. Доколку тие пари државата ги исплати на Еуроникел, тие може да се искористат за плати и придонеси на вработените бидејќи големите доверители се согласиле со таков епилог во интерес на вработените.