Американската амбасада во Скопје работеше заедно со Министерството за внатрешни работи и даде техничка поддршка за вчерашната акција во која полицијата пресретна камион со марихуана во вредност од 800.000 евра, што транзитирал низ Македонија.
Ова за порталот СДК.МК го навеле од американската амбасада во Скопје.
„Во овој случај, како и во случајот со пасошите, работевме заедно со МВР и дадовме техничка поддршка“, велат од амбасадата на САД.
Според вчерашната куса информација која ја објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук македонската полиција извршила голема акција заедно со американската Агенција за борба против наркотици (ДЕА), во акцијата била запленета дрога во вредност од над 800.000 евра и бил привиден висок полициски службеник.







