R.I.P Последен поздрав до Баге, човекот што фалеше и досега

Денес почина Баге▪️



Човек кој сам беше своја епоха.
Агенс на рушење на стереотипите во театарот, секогаш директен во кажувањето на неговите ставови, дури и пред “своите”…. беше едноставно слободен човек, во опкружение кое од таа иста слобода, панично се плаши.

Се повлече самиот, оставајќи простор на другите, зошто му забележуваа дека долго владеел со театарот.
И, иако беше тука меѓу нас, го среќавав на Широк Сокак често, чуден беше театарот и злокобен без Баге во него, дури и во публиката. Зошто, каков е воопшто тој битолски театар без човекот кој направи премногу за него, да го нема во публиката?!?
И каков беше воопшто македонскиот театар, без Баге во публиката…

Сега вистински го нема.
И сега, треба многумина да се запрашаат дали личности кои толку дале за театарот….можете да ги пензионирате и да ги дистанцирате со постапки и зборови, од нешто што за нив било куќа, дом…

За неговата биографија денес ќе читате насекаде, по медиуми, по статуси…по коментари.
И ќе се потсетувате…а до денес го заборавивте …
Јас ако се прашувам, за Баге е кажано сѐ, со овој еднократен и неповратен занает на умирањето, што не е така чудно за некој….но чудно е за Благој Стефановски, оној нашиот Баге, кој одамна беше одвоен од телото на театарот во обично човечко тело, зошто него, еве моите генерации и тие по нас, го затекнавме на овој свет, и тоа онака на големо во онаа мала група по која се препознава големината на сѐ она поврзано со театарот ( и успесите на битолскиот ракомет тука би ги споменала, големи и важни, на што сме горди и за што ни е драго и денес).

И како сега, одеднаш го нема…кога го отпишавте неговото постоење, а тој беше симбол, еден природен симбол на она доброто во него…?

Што прави ова општество, традиционално, со “моментално моќните”…кои определуваат кој може, а кој не може…кој им пречи, а кој не…кој оставил печат…па ајде да го забришеме…

Ќе се редат деновиве луѓе покрај некрологот на Баге, потсетувајќи се на важните точки од неговата биографија…ко да е важно сега, а тој тоа си беше и без некролог.

За мене Баге беше и остана тоа што го направи, директор на еден мал и храбар театар кој доби светска слава, креатор на алтернативната театарска продукција, на вмрежувањето на малите театри во големи проекти, “јавен работник” во опасни и лизгави времиња во кои лесно се паѓаше, а тешко се стануваше, од “комунизам”, преку “транзиција” и “национализам” и “демократија”…дали треба да ги објаснувам наводниците?…како постојан агенс на модерност, на уметнички и воопшто културен нонконформизам, во уметноста … па и во животот. Тие беа неговите точки на експериментирање кое подразбира право на грешки и заблуди, а така е подобро, отколку да дремеше во жабокречината на еден скоро засекогаш зацртан и зададен свет на снобовски космополитизам во полузатворено општество.

Баге беше жив човек на своето време, далеку од безгрешност, која никогаш не ја присвојуваше, но и никогаш не ја напушти магистралната идеја за својот вкупен ангажман кој секогаш бил: театарот, Битола и Македонија, како нераздвоен дел од Европа и светот. … да тука е добро повторно да го ставам и Пелистер со ракометот.

Баге и досега фалеше, а од денес ќе недостига бескрајно.

Љубица Ангелкова

Кој е Благој Стефановски Баге (1953-2020)

Дипломирал на отсекот за драмски актери на Факултетот за драмски уметности во 1975 година. Од 1975 до 1980 година бил директор на Битолскиот народен театар. Бил претседател на Фестивалот „Браќа Манаки”, претседател на Советот и селектор на драмската програма на Фестивалот „Охридско лето” и претседател на Фестивалот „Војдан Чернодрински”.

Од 1994 до 1998 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија. Од 1 ноември 2002 година до 6 јули 2006 ја извршува функцијата министер за култура