Поранешниот премиер на Словачка, левичарот Роберт Фицо, го победи својот прогресивен ривал на вчерашните парламентарните избори.



Во кампањата, проруски ориентираниот политичар, најавуваше прекин на воената помош за Украина.

Но, Фицо ќе мора да ги придобие сојузниците за да ја формира следната влада, покажаа вкупните изборни резултати во неделата.

Резултатите од 98 отсто од регистрираните избирачки места на саботните избори покажуваат дека партијата СМЕР-ССД на Фицо води со 23,37 отсто од гласовите.

Следува либералната Прогресивна Словачка (ПС) со 16,86 отсто, а трета партија е HLAS(Глас), која би можела да стане клучна за формирање нова влада, со 15,03 отсто.

Идната влада многу извесно е дека може да биде предводена од Роберт Фицо – човек кој ветува дека ќе ја прекине воената помош за Украина, вели дека Европската унија стана марионета во рацете на САД и го обвинува претседателот за антисловачки заговор со Џорџ Сорос.

Ако тој го исполни ветувањето за прекин на воената помош за Украина, ова, иако нема практично значење, ќе има големо политичко и симболично значење.

Словачка веќе ѝ ја обезбеди сета можна помош на Украина – многу оклопни возила, 13 МиГ-29, а Фицо вели дека нема да ја ограничи невоената помош.