Путин: Се надевам на понатамошен напредок на нашите трупи

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека специјалната воена операција во Украина покажува позитивен тренд и се надева дека руските војници ќе постигнат нови успеси по освојувањето на Соледар.



„Динамиката е позитивна. Сè се одвива во рамките на планот на Министерството за одбрана и на Генералштабот и се надевам дека нашите борци уште повеќе ќе не израдуваат со резултатите од нивната борба“, изјави Путин за државната телевизија Росија 1.

Русија во петокот соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз Соледар во источна Украина, што е редок успех за Москва по неколкумесечните неуспеси на фронтот.

Откако Западот ги воведе најстрогите санкции во модерната историја поради војната во Украина, руската економија покажа извонредна отпорност, но најголемиот светски производител на природни ресурси сега се повеќе се врти кон Кина.

„Состојбата во економијата е стабилна. Многу подобра не само од она што го предвидуваа нашите противници, туку и од она што го предвидовме ние“, додаде тој.

Рускиот претседател изјави дека невработеноста е клучен показател за тоа.

„Невработеноста е на историски најниско ниво. Инфлацијата е пониска од очекуваното и има, што е важно, надолен тренд“, рече Путин.

Економијата на Русија падна во 2022 година под тежината на санкциите, но многу помалку отколку што предвидуваа економистите.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека нивните сили извршиле бран ракетни напади врз украински воени и инфраструктурни цели во саботата.

„Погодени се сите таргетирани објекти. Целите на нападот се постигнати“, се вели во соопштението.

Русија, исто така, објави дека нејзините сили напредуваат кон северниот раб на градот Бахмут во украинската област Доњецк, кој со месеци е во центарот на руските напади.