Путин: САД сакаат да продолжи конликтот во Украина, но и да потикнат нови

Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Вашингтон дека се обидува да го продолжи конфликтот во Украина и да поттикне конфликти во другите делови на светот.



Пример за тоа, според него е, посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван.

„Ситуацијата во Украина покажува дека САД се обидуваат да го продолжат овој конфликт. И дејствуваат на ист начин, поттикнувајќи го потенцијалот за конфликти во Азија, Африка и Латинска Америка“, рече Путин во телевизиско обраќање.

„Американската авантура во однос на Тајван не е само патување на индивидуален неодговорен политичар, туку дел од намерна, свесна стратегија на Соединетите држави за дестабилизација и хаос на ситуацијата во регионот и светот“, додаде тој.

Според него, посетата е „дрска демонстрација на непочитување на суверенитетот на другите земји и меѓународните обврски на Вашингтон“, пренесе АФП.

„Сметаме дека ова е внимателно испланирана провокација“, рече Путин.

Москва застана во целосна солидарност со својот клучен сојузник Пекинг за време на посетата на Пелоси во август на самоуправниот, демократски Тајван, кој Кина го смета за своја територија.