Воената операција во Украина може да потрае, изјави рускиот претседател Владимир Путин во средата на состанокот со Советот за граѓанско општество и човекови права.



Осврнувајќи се на прашањето за времетраењето на непријателствата што ескалираа во февруари, Путин рече дека за постигнување на сите цели ќе биде потребно време, но посочи на, како што рече, веќе постигнатите неколку големи придобивки.

„Се разбира, ова може да биде долг процес“, рече Путин, инсистирајќи дека конфликтот вистински почна во 2014 година, „кога САД го поддржаа националистичкиот пуч во Киев“. Според него, Москва немала голем избор освен да интервенира во февруари, да ги брани „републиките“ Доњецк и Луганск во Донбас, кои подоцна гласале за приклучување кон Русија, заедно со поголемиот дел од регионите Херсон и Запорожје.

„Овие нови територии се голема придобивка за Русија“, рече претседателот. „Дури и Петар Велики бараше пристап до Азовското Море, а тоа сега е внатрешно море на Руската Федерација“.

„Најважно, луѓето кои живеат таму на референдум покажаа дека сакаат да бидат во Русија и да се чувствуваат дел од нашиот свет“, рече Путин. „Тие се сега со нас, милиони од нив, и тоа е најголемиот исход“.