Рускиот претседател тврди дека Западот се обидува да ја „уцени“ Русија со нуклеарно оружје и ги предупреди дека „ветрот може да се сврти во нивна насока“.
Владимир Путин сега нагласи дека Москва мора да ги преземе неопходните чекори за да го заштити својот суверенитет бидејќи Западот се обидува да ја „ослаби“ и „уништи“ Русија, пренесе Ројтерс.
Путин обвини дека Запад ѝ наредил на Украина да ги поткопа мировните преговори со Москва, велејќи дека Западот нема да биде задоволен со мирно решавање на конфликтот.
Тој, исто така, го обвини Западот за „нуклеарна уцена“ против Русија и предупреди дека Москва има и „различно оружје за уништување“ и е подготвена да ги искористи „сите расположливи средства“ за да се одбрани.
„Не блефирам – се закани Путин – а тие што се обидуваат да не уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека ветрот може да се сврти против нив“.
Тој посочи дека во Вашингтон и Брисел има планови воениот конфликт од Украина да се префрли на територијата на Русија. Според него, некои високи функционери од земјите на НАТО разговарале и за можноста за употреба на нуклеарно оружје против Москва.
Рускиот претседател синоќа најави делумна воена мобилизација во земјата, пренесува ТАСС. Мобилизациските активности започнуваат денеска. Ќе бидат повикани само граѓаните кои моментално се во резерва, а особено оние кои служеле во вооружените сили, имаат одредени воени занимања и соодветно искуство.






