
Рускиот претседател Владимир Путин го обвини Западот за ескалацијата на тензиите во Европа, оценувајќи дека тие погрешно го процениле исходот од Студената војна.
Обраќајќи им се на високи воени претставници, Путин најави дека Русија „соодветно“ ќе одговори на секоја агресија на Западот и дополнително ќе ја развие својата армија.
Русија концентрираше десетици илјади војници на границата со Украина, барајќи од НАТО да го одбие барањето на поранешната советска република за членство во НАТО и да гарантира дека на украинска територија нема да биде распоредено оружје или војници на алијансата .
На истиот состанок, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека САД распоредиле околу 8.000 војници во близина на границите на Русија и дека заедно со сојузниците од НАТО секојдневно летаат со стратешки бомбардери во близина на Русија.
Шојгу предупреди дека обидите на НАТО да ја вклучи украинската армија во активностите на алијансата претставуваат безбедносна закана за Русија.
Претходно, високиот руски дипломат изјави дека веќе се започнати контактите меѓу Москва и Вашингтон во однос на безбедносните гаранции кои Русија ги бара и дека постои можност страните да постигнат договор.




