Путин: Иднината на Русија зависи од сегашната војна

Денес цивилизацијата е повторно во решавачки, граничен момент, повторно се води војна против Русија, но земјата ќе може да ја гарантира својата безбедност, изјави рускиот претседател Владимир Путин денеска во својот говор на Парадата по повод победата над фашизмот што традиционално се одржува на Црвениот плоштад.



„Денес цивилизацијата е повторно на пресвртна точка. Повторно започна вистинска војна против нашата татковина, но ние го одбивме меѓународниот тероризам, ќе го заштитиме и народот на Донбас, ќе ја гарантираме нашата безбедност“, Путин.

На годинешнава воена парада по повод советската победа над нацистичка Германија во Втората светска војна, Путин повторно ја поврзе руската инвазија на Украина со борбата против нацизмот, тврдејќи дека Русија го брани својот суверенитет.

Годинешната воена парада во Москва е малку поинаква од онаа што сме навикнати да ја гледаме на Црвениот плоштад. Денеска маршираа 8.000 војници за разлика од минатите кога ангажирани беа 11.000, имаше и помалку воен арсенал, без модерни тенкови, без воени летала, а парадата беше пократка од претходните години

Путин рече дека иднината на руската државност зависи од учесниците во специјалната воена операција

Руската Федерација е горда на сите учесници во специјалната воена операција, увери Путин, убеден дека целата земја е мобилизирана за поддршка на хероите од „специјалната воена операција“ и сите се подготвени да помогнат и да се молат за нив.

Говорот на Путин го слушнаа лидерите на седум земји од поранешниот СССР кои пристигнаа во Москва на Парадата – Белорусија, Ерменија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан.