Рускиот претседател Владимир Путин вечерва на телевизија објави почеток на војна против Украина наречена „специјална воена операција во Донбас“, објави Дојче веле.
Укринформ пренесува дека очевидци јавуваат за серија експлозии во украинските градови – не се работи само за териториите на ДПР и ЛПР, кои прогласија независност, а кои пред неколку дена Путин ги призна. Информациите на украинските агенции и социјалните мрежи говорат за напад на градови како Одеса, Мариопол, Харков, но и во главниот град Киев.
Во говорот на руската државна телевизија, емитуван истовремено со почетокот на состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк, рускиот претседател Владимир Путин објави воена операција во источна Украина. Руските сили истрелаа проектили врз неколку украински градови и слетаа војници на нејзиниот јужен брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на новинарите по состанокот на Советот им рече дека тоа е „најтажниот момент“ во неговите повеќе од пет години на функција, апелирајќи: „Претседателе Путин, вратете ги вашите сили во Русија во име на човештвото“, додаде тој: Овој конфликт мора веднаш да заврши“.
За време на состанокот, рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија го информираше овој потег на Советот на Москва, оправдувајќи го со член 51 од Повелбата на ОН, кој опфаќа индивидуална или колективна самоодбрана на државите од вооружен напад.
Британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд, го нарече потегот на Русија кон Украина „неиспровоциран и неоправдан“.
Францускиот амбасадор во ОН Николас де Ривиер коментира: „Оваа одлука – објавена во времето на состанокот на Советот – го покажува презирот што Русија го покажува кон меѓународното право и Обединетите нации“..






