Пукал со оружје кон исламската медреса во Тетово

Б.М. (41) од Тетово е осомничен од страна на Секторот за внатрешни работи од Тетово дека во се уште неодредено време меѓу 19 и 20.9.2021 година пукал со огнено оружје кон Средното теолошко училиште Медреса „Иса беј“ во Тетово. Притоа оштетил неколку прозорци во ходникот на првиот и вториот кат на објектот. Немало повредени. Инцидентот бил пријавен вчера, на 20.9.2021 година.

Истиот ден Б.М. бил повикан во полицијата околу 18 часот и му биле одземени пиштол „ЦЗ“ со калибар од 9 милиметри и рамка со 12 куршуми. Како што соопшти денес СВР Тетово, по целосно расчистување на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок според кривичниот закон поради „предизвикување општа опасност“. Полицијата се уште ги расчистува околностите и мотивот за ова пукање.

Овој оружен инцидент се случува во се уште незапочнатиот предизборен период на прагот на локалните избори кога Исламската верска заедница на Македонија е соочена со притисоци со своите оџи да започне да влијае врз муслиманските верници да се изјаснуваат и да гласаат за одредена политичка партија. Но, до овој момент нема навестувања дали завчерашното пукање кон Медресата во Тетово имало каква било поврзаност со овој политички момент, или осомничениот Б.М. тоа го сторил од други лични мотиви.